Учениците од софиското училиште „Цар Симеон Велики“ ќе донираат средства за младите кои настрадаа и ужалените семејства по трагедијата во Кочани, Република Северна Македонија, јавува Трибуна.

Традиционално, во пресрет на Велигденските празници, децата од основното училиште „Цар Симеон Велики“ организираат хуманитарен базар со рачно изработени сувенири, слатки и цртежи. Секоја година, со собраните средства, тие поддржуваат значајни каузи, со што активно учествуваат во јавниот живот на земјата и практично покажуваат дека „љубезноста“ не е само збор, туку и дело.

За прв пат оваа година учениците собраната сума ќе ја донираат во кауза надвор од Бугарија.

„Трагедијата што го снајде Кочани и цела Северна Македонија длабоко го потресе целиот наш тим. Учениците беа длабоко погодени од болката и страдањето на народот и заедно со нив решивме да ја смениме првично планираната кауза за базарот. Со оваа иницијатива сакаме да ја покажеме нивната солидарност и емпатија за семејствата на жртвите и да придонесеме за нивно побрзо закрепнување“, велат од училишниот тим.

„Секаде зборуваат за трагедијата во Кочани и моите соученици и јас сакаме да им помогнеме на жртвите и нивните семејства да закрепнат. Во нашето училиште има и ученици од Република Северна Македонија и на овој начин ги поддржуваме и нив бидејќи сме едно“, вели четвртоодделенецот Александар.

Базарот ќе се одржи на 17 април, а собраните средства ќе бидат префрлени на официјалната донаторска сметка за настраданите во кочанската трагедија.