Ученици од Земјоделската стручна гимназија „Климент Тимирјазев“ во Сандански развија иновативен проект – роботизирана оранжерија наречена „Терасмарт“, која овозможува одгледување на јагоди, билки и краставички со минимална човечка интервенција, јавува весникот Марица, пренесува Трибуна.
Овој производ на ученичката компанија „Терабокс“ е опремен со сензори за влага, кислород и светлина, како и систем за наводнување и вентилација. „Сакавме да создадем услови за одгледување вистинска храна, а не само декоративни растенија“, вели Калојан Георгиев, заменик-директор на ученичката фирма, создадена како дел од проектот.
Светлозар Цонев, директор на проектот, истакнува дека оранжеријата е дизајнирана да се вклопува дури и на мали балкони. Постојат три големини – најмалата е погодна за билки, средната за јагоди и краставички, а најголемата за поголеми растениja. Роботизираната оранжерија може да се произведе и по мерка на клиентот.
Иако Калојан и Светлозар се единаесеттоодделенци во специјалноста „Електронска трговија“, за земјоделските аспекти се консултирале со соученици од земјоделските паралелки на нивното училиште.
Тимот спровел истражување меѓу жителите на Сандански, и резултатите се позитивни: 95% од 800 анкетирани би користеле ваква оранжерија дома. „Некои луѓе имаат семејни традиции во земјоделството, други сакаат здрава храна – сите би имале корист од овој производ“, рече Калојан, кој е и фотограф, па самиот ги направил снимките за промотивниот каталог.
Во екипот е и Јоана Андреева, која помага во сите задачи, бидејќи „персоналот“ се состои само од тројцата ученици. Всушност, целото училиште е вклучено во проектот, со поддршка од различни стручни насоки.
Ученичката фирма планира да аплицира за финансирање преку национални програми за млади претприемачи. Цената на „Терасмарт“ варира од 250 до 600 евра, зависно од големината.
Следниот чекор е да се програмира автоматски систем за обработка на почвата според видот на растението.
„Кога учениците се мотивирани, треба само да ги поддржиш“, вели професорката по економија Снежана Маламова. Локалните бизниси веќе покажаа интерес, а училиштето има поддржувачи кои сакаат овој проект да стане вистински бизнис.