Уште две училишта во Скопје денеска добиле закани за поставени бомби, откако МВР информира дека претходно денеска вакви заккани по електронска пошта добиле шест скопски училишта.

Денеска во СВР Скопје околу 14:30 часот е пријавено дека на електронските адреси на шест училишта во Скопје е упатена закана за поставена бомба, велат од МВР и додаваат дека околу 15 часот во СВР Скопје е пријавено дека ваква закана стигнала и на електронските адреси на уште две училишта.

Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на сите осум училишта.

Во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот, додаваат од МВР.

Минатата недела три дена по ред повеќе скопски училишта на мејл адресите добиваа закани за бомби, кои по полициските проверки беа утврдени дека се лажни.