Родителите од иницијативата „Учебници и настава мора да има“ на денешната прес-конференција пред Министерство за образование и наука го изразија своето незадоволство од одговорот на МОН по повод нивните барања за укинување на електронските учебници, по што порачаа дека ќе покренат иницијатива за задолжителен референдум на кој граѓаните ќе можат да се изјаснат за предложените измени во законот за учебници.
Покрај ова Драгана Спасевска која е координатор на оваа иницијатива, порача дека од сабота започнуваат протести во Скопје, како и останатите градови низ земјава.
-Бидејќи МОН немаше слух за нашите барања останува на нас родителите да се бориме за иднината на своите деца. Следен чекор кој ќе го преземеме е организирање на протестни маршови во сите градови ширум земјава. Па така, во сабота во 12 часот започнуваат протестите како во главниот град, така и во сите други, изјави Спасевска.
За рутата на протестниот марш, Спасевска изјави дека јавноста ќе биде дополнително известена. Најавата за протести и референдум на родителите следува откако МОН одговори негативно на нивните барања за укинување на дигиталните учебници и за исклучување на одредени теми од новата концепција, нешто што родителите го побараа претходно на првата средба со МОН.