Министерството за образование и наука интензивно се подготвува за започнување на новата учебна година од 1 септември, во услови на пандемија преку пристап со кој ќе се обезбеди непречено одвивање на наставата, но и заштита на јавното здравје.
Досега од вкупно 31.447 лица вработени во училиштата, вакцинирани се околу 60% и од МОН апелираат наставниот и останатиот кадар во училиштата да се вакцинира со цел да го заштитат сопственото, а со тоа и здравјето на најблиските.
-За непречен почеток на новата учебна година системот за образование е подготвен за три сценарија кои се усвоени на владина седница. Првото за кое воедно и се залагаме, затоа што е од најдобар интерес на учениците и нема подобра алтернатива е целосно отворање на училиштата и сите ученици да бидат во клупите, согласно сите усвоени протоколи. Второто сценарио предвидува наставата да биде како и во 2020/2021 која што се покажа како успешна и ефективна – дел од учениците да посетуваат настава со физичко присуство под посебни протоколи, а дел да реализираат онлајн-настава и третото сценарио предвидува ротирање на учениците на една недела со физичко присуство во училиштата, за да нема нивно целосно затворање, велат од МОН.
Кое од трите сценарија ќе се применува ќе зависи од епидемиолошката состојба за што одлука ќе донесе Комисијата за заштита од заразни болести.