Најмалку 19 деца и двајца возрасни се убиени вчера во оружен напад врз основно училиште во Тексас. Напаѓачот имал 18 години, а со себе носел пиштол, пушка и панцир. Бил убиен во престрелката со полицијата.
Нападот се случил во местото Увалде. Како што соопштија властите, напаѓачот прво ја убил својата баба, а потоа направил и судар со возилото со кое се превезувал. Излегол од возилото и успеал да влезе во училиштето каде го почнал масакрот.
Во првите часови после нападот имаше хаотична ситуација, во која немаше конкретни податоци за бројот на повредени и загинати, зашто повеќето од застреланите биле однесени во различни болници.
Во своето обраќање до нацијата, претседателот Џо Бајден изрази жалење за загубите и постави прашање зошто масовните убиства се толку чести во земјата. Тој ги повика законодавците да поддржат подобри закони за оружјето.
Тоа што ме погодува е што овој вид масовни убиства се ретки во другите делови од светот… Зошто? Зошто живееме со вакви масакри? Зошто дозволуваме ова да ни се случува?“, рече претседателот Бајден.
Вчерашниот масакр е најсмртоносен оружен напад врз училиште во Тексас и еден од најсмртоносните во САД после нападот на основното училиште „Сенди Хук“ во Њутаун, Конектикат, каде беа убиени 26 лица, од кои 20 деца.