Ербен и Бесник Бојку доцна синоќа во полициска акција „Бегалец“ се уапсени на регионалниот пат Струга – Дебар, на влезот во селото Велешта.
„Синоќа околу 21 часот и 45 минути на патот Струга-Дебар пред селото Велешта приведени се две лица од кои едното се барало за казна затвор во траење од 21 година, а другото лице е приведено поради поседување на оружје“, истакна Тони Ангеловски.
Припадници на Специјалната единица на МВР заедно со полициски службеници од Одделот за потраги, ги пресретнале браќата, биле опколени со возилата на полициските службеници и лишени од слобода. Двајцата браќа биле вооружени.
„Кај двете лица се пронајдени пиштоли, веднаш се приведени и пренесени во полициска станица“, додава Тони Ангеловски.
Ербен Бојку се бараше по три централни и една меѓународна потерница по наредба на Основниот суд во Струга за убиство, нелегална трговија со оружје и други кривични дела. Бесник Бојку е приведен поради поседување на оружје.
Против двајцата браќа кои сега се уапсени, во 2017 година беа покренати и кривични пријави бидејќи нападнаа новинар кој беше дописник за тогашниот весник Дневник.
Таткото на приведените, Дилавер Бојку во август 2017 година сред бел ден беше убиен од позади грб во Струга. Сè уште нема одговор кој го ликвидираше и како се реализираше едно од најконтроверзните убиства во Македонија.