Илјадници луѓе во Индија купиле лажна вакцина против коронавирусот. Наместо вакцина, тие примиле обична солена вода, а меѓу уапсените измамници кои учествуваа во оваа акција имало и медицински работници.

Најмалку 12 лажни акции за вакцинација се одржаа во градовите во близина на Мумбаи, изјави висок службеник на градската полициска администрација.

– Користеа солена вода што им ја вбризгуваа на луѓето, изјави полициски службеник.

Тој додаде дека полицијата уапсила 14 лица, вклучително и лекари, под сомнение дека извршиле измама и го загрозиле здравјето на луѓето. Полициската акција сè уште не е завршена, па не е исклучено друго лице да биде приведено.

Индија се соочи со колапс на здравствениот систем пред два месеци, при што неколку милиони луѓе беа заразени, а десетици илјади луѓе починаа низ целата земја. По врвот во мај, бројките полека почнаа да паѓаат, а кога здравствениот систем малку се олесни, државата беше во можност да го зголеми темпото на вакцинација.