МВР информира дека уапсени се две лица, вработени во Железници транспорт, поради сомнение дека копале криптовалути.

Во текот на вчерашниот ден инспектори од Единицата за економски криминал при СВР Скопје и полициски службеници од ОВР Аеродром ги лишиле од слобода М.У.(63) и Д.П.(38), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, информираат од МВР за ТВ21.

Постапувајќи по пријава примена во 18.30 часот од страна на раководно лице во Железници на РСМ – Транспорт, според која во канцеларија опремена со компјутери, во која биле неколку вработени, забележал поголема потрошувачка на струја поради што се посомневал во копање на криптовалути, полициски службеници излегле на местото и по преземени мерки и активности ги привеле двете лица вработени Железници, кои ја користеле канцеларијата, при што било извршено и запечатување на просторијата.

По расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Се поставува прашањето зошто на овој начин не било реагирано кога медиумите открија дека во подрумските простории на ГТЦ, во магацини кои биле изнајмени од синот на Амди Бајрам, Габриел Бајрам, се копале криптовалути. Имено, медиумите успеаја пред неколку дена да влезат во една од просториите и да снимат голем број на компјутерска опрема наменета за копање криптовалути, а од МВР тогаш рекоа дека не се откриени никакви криминални активности.