Турската разузнавачка служба го уапси во странство и го врати во земјата внукот на исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен, противникот на претседателот Реџеп Тајип Ердоган кој го обвини за неуспешниот државен удар во 2016 година.

Агенти на Националните разузнавачки организации го уапсија Селахадин Ѓулен и го вратија во Турција, објави агенцијата Анадолија. Не се наведува во која земја е извршено апсењето.
Агенцијата, која објави и фотографии на осомничениот со лисици на рацете, не соопшти дали операцијата е спроведена во соработка со земјата каде што е уапсен внукот на Ѓулен.

Фетулах Ѓулен, кој живее во САД, е лидер на една невладина организација и компанија и од 2016 година ги отфрла тврдењата дека е вмешан во обидот за државен удар во Турција.

Ердоган смета дека Ѓулен е предводник на терористичка организација, со цел да се собори актуелната турска Влада.

Од неуспешниот обид за преврат во 2016 година досега уапсени се неколку десетици илјади луѓе, а над 140.000 се отпуштени или суспендирани од своите должности.