Тихомир Крстиќ (44), повеќекратен повратник во извршување кривични дела, е уапсен под сомнение дека во саботата, 27 декември, во влез од зграда во Нов Белград нападнал жена и ѝ нанел девет убодни рани. Крстиќ има долга криминална историја и најчесто бил осудуван за разбојништва и кражби, при што чести негови жртви биле и деца, пишува „Телеграф.рс“.
Според сомневањата, Крстиќ ја нападнал жената околу 13 часот во станбена зграда во Нов Белград, и тоа пред нејзиниот внук. Ѝ задал повеќе убоди со нож, по што ја ограбил и побегнал. Според информациите на „Блиц“, повредената жена е во стабилна состојба и не е животно загрозена.
Таа здобила три убодни рани во пределот на десната клучна коска, една на левата страна, четири во левото рамо и една во главата. Лекарите констатирале и повреда на белите дробови. Жената е сместена на Одделот за интензивна нега, каде што нејзината состојба и понатаму се следи.
Криминалното досие на Крстиќ покажува дека ова не му е првпат да користи нож при закани. Уште во август 2011 година, од двајца малолетници одзел два мобилни телефони и 200 динари, заканувајќи им се: „Извадете од џебовите сè што имате, ќе ве избодам со нож и ќе пукам во вас!“
Само два месеца подоцна, во октомври истата година, повторно нападнал две момчиња. Им пришол и побарал да му позајмат мобилен телефон, а кога му рекле дека немаат кредит, ги замолил да му го покажат патот. Откако прифатиле да му покажат каде е автобуската станица, ги запрел на крстосница, извадил нож од левата патика и им наредил сè што имаат да го извадат од џебовите и да го остават, заканувајќи се дека ќе ги избоде. Едното момче му предало мобилен телефон, додека другото останало без пари, телефон, сребрено ланче, нараквица и рачен часовник.
По грабежот, Крстиќ им наредил: „Трчајте надолу, ако ве чујам, ќе ве стигнам и ќе ве избодам!“, по што момчињата побегнале. Само пет дена подоцна, украл мобилен телефон и од една жена, приоѓајќи ѝ одзади и истргнувајќи ѝ го уредот од рака додека разговарала.
Полицијата по Крстиќ трагала повеќе од 24 часа. Министерството за внатрешни работи во два наврати објавило негови фотографии, апелирајќи до граѓаните да пријават доколку имаат информации. Уапсен е на автобуска станица во Раковица, недалеку од зградата во која живеел.
Според неофицијални информации, Тихомир бил пуштен од затворот Забела пред околу два месеца. Живеел во Раковица со девојка која изнајмила стан. Соседите раскажале дека секогаш ја спуштал главата кога минувал покрај нив и дека постојано носел капа.
Текстот Уапсен напаѓачот кој во Белград избоде жена пред внукот е превземен од МАКФАКС.























