Полицијата го уапси мотоциклистот кој завчера усмрти пешак на кејот во Скопје, на пешачка патека во близина на Паркот на франкофонијата. Откако го прегази пешакот, мотоциклистот избега.

Од МВР информираат дека денеска во полициска станица е извршен службен разговор со Ф.Љ.(25) од Скопје, кој на 01 јули околу 19.30 часот на пешачка патека во близина на ул.„Ленинова“ во Скопје, со мотоцикл „кавасаки“ со скопски регистарски ознаки, удрил во пешакот Ј.Н.(68) од Скопје, по што избегал.

Од здобиените повреди Ј.Н. почина во Комплексот клиники „Мајка Тереза“.

„Денеска Ф.Љ. е лишен од слобода и по документирање на случајот, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена кривична пријава по брза постапка“, соопшти МВР.