Управата за јавни приходи и трудовиот инспекторат при проверки на фирми утврдиле дека компании кои добиле државна помош не ги исполнувале условите да добијат пари од државната каса. Наодите на надлежните велат дека при чешлање на документацијата на 60 фирми, кај 16 е констатирано дека не им е доволно намален прометот кој беше услов за добивање на државна помош. Кај седум фирми имало намалување на бројот на вработени повеќе од дозволеното. Во други три фирми, прекршени се правилата по двата основи. Фирмите биле од угостителски и градежен сектор како и од копнен и воден транспорт, хотелиерство, трговија на мало, туристички агенции.

– Advertisement –

„Работодавачот кој користел финансиска поддршка за исплата на плати за месеците април мај и јуни, и работодавачот кој користел финансиска поддршка за месеците октомври ноември и декември имаа обврска согласно Уредбата и Законот да ги врати во целост финансиските средства заедно со камата согласно Законот за даночна постапка, доколку по извршена контрола од страна на УЈП се утврди дека работодавачот не ги исполнил условите за финансиска поддршка“, рече Сања Лукаревска директорка на УЈП.

Контролите се случиле во декември лани, а во истиот месец трудовиот инспекторат посетил десет текстилни фабрики, а извршил уште плус 74 проверки во компании. Инспекторите проверувале дали е исплатена плата на вработените и дали е запазена законски утврдената сума за минималецот.

„Утврдени се неправилности кај 41 работодавач. Согласно законските надлежности на државниот инспекторат за труд донесени се 41 решение со опомена работодавачите да ги отстранат утврдените неправилности“, рече Јована Тренчевска директорка на Државниот инспекторат за труд.

Само една фирма која не ги исполнила условите, а добила пари од државата, ги вратила назад во државната каса. А од обвинителството се уште нема детали до каде е постапката за повеќе од 250 фирми кои добија државна помош за плати на вработените, а не им ја исплатија и парите си ги задржаа за себе.

Иле Петревски