Канцеларијата за медиуми на палестинската влада во Појасот Газа ги критикуваше платформите на социјалните мрежи за цензура на палестинските содржини за време на актуелната ескалација во Ерусалим, пренесува „Мидл Ист монитор“.

Фејсбук, Твитер и Инстаграм беа споменати специфично во пораката. Овие платформи, како што се тврди, се одговорни за бришење на палестинските содржини и за забрана на десетици пропалестински профили поради нивното покривање на настаните во џамијата Ал-Акса и немирите во ерусалимската населба Шеик Џара.

Канцеларијата нагласи дека овие мерки се доказ за соучесништво на овие платформи на социјалните медиуми со израелските власти и нивните двојни стандарди. Тие го одвлекуваат јавното внимание од прекршоците на израелските власти, притоа ограничувајќи ја пропалестинската содржина под изговор дека ги крши стандардите за објавување.

„Ваквите мерки од овие големи платформи претставуваат повреда на слободата на мислење и изразување“, се тврди во пораката.

Палестинската влада во Газа ги повика гореспоменатите платформи да стават крај на нивната антипалестинска позиција и повторно да ги активираат сите блкирани профили.