Редица тактори и камиони со кутии полни со тутун. Ваква е сликата на речиси сите откупни места во прилепско.Тутунарите гневни и револтирани од односот на откупувачите и власта. Пред камерата на Алсат се пожалија дека со денови чекаат да го предадат тутунот.
„Имам два тона, ништо нема да заработам. Сто денари, до 120 го плаќаат. А, треба 160 до 200. Ветувања имаше многу ама не се исполнети“…
– Advertisement –
„Овие сите гледаат да не оштетат.Пред 20 дена што го дадов како прва класа сега ми вика тројка, ако не ти чини земи си го. А, кај да го носам, да го запалам“, реагираат тутунарите.
Се обидовме да добиеме став од трговците, но на двете откупни места каде затропавме на вратата не ни дозволија да снимаме ниту да ни дадат изјава.
Просечната цена на тутунот досега е 165 денари за килограм, и во споредба со други години е една од полошите за тутунарите.
Како еден од најголемите проблеми тутунарите ја наведуваат проценката на тутунот.
Тие ја обвинуваат владата дека не стои на зборот, ништо од ветеното не е остварено. Ставот на министерствот за земјоделство е дека сиот тутун што е произведен ќе биде откупен.
„Во моментов откупени се околу 17.000 тони тутун. До петок, 5 февруари, во подрачните единици на МЗШВ, се пријавува вишокот на произведен тутун, кој се очекува да биде откупен до законскиот рок, односно 28 февруари“, велат од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Проблемот со откуп на тутун се случува секоја година. Тешката работа на поле која на крајот и не е исплатлива ги предомислува младите да ја продолжат вековната семејна традиција во садењето на оваа култута. И оваа година тутунарите на неколку пати својот револт го изразија на улица со протести и блокади, барајќи ги своите тешко заработени пари.
Иле Петревски