Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека рускиот претседател Владимир Путин оркестрира обиди за создавање поделби меѓу Украина и Полска. Туск предупреди дека иако решението за војната во Украина можеби се приближува, Русија прави сè што може за да посее раздор меѓу Киев и Варшава.

Во остра порака, Туск нагласи: „Анти-полските гестови на Украинците и поттикнувањето анти-украински расположенија во Полска се сценарио на Путин, оркестрирано од странски агенти и локални идиоти. Секогаш истото“.

Од почетокот на руската инвазија во 2022 година, Полска е еден од најважните и најверни сојузници на Украина. Сепак, кај некои делови од полското население расте незадоволството поради големиот број бегалци од соседната, воено разорена земја.

Овие тензии кулминираа со неодамнешен инцидент. На 9 август, најмалку 57 украински државјани беа наводно уапсени и депортирани од Варшава откако избувнаа немири на концерт на белоруски рапер.

фото: принтскрин

Текстот Туск: Путин користи идиоти за да посее раздор меѓу Киев и Варшава е превземен од МАКФАКС.