Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) обезбеди медицинска опрема за Одделот за торакална хирургија при Клиничката болница во Тетово, јавува Агенција Анадолија (АА).

На церемонијата за предавање на оваа донација присуствуваа министерот за здравство на Северна Македонија, Беким Сали, координаторот на ТИКА во Скопје, Халим Омер Согут, директорот на тетовската болница, Амир Елези, како и персоналот на болницата.

Министерот Сали истакна дека во изминатиот период ги презентирале новите инвестиции во Клиничката болница во Тетово.

Тој го поздрави продолжувањето на тенденцијата за модернизација на клиничката болница.

„Денеска сме тука за промовирање на новата современа медицинска опрема во вредност од 61.000 евра обезбедени со поддршка на турскиот народ преку Турската агенција за соработка и координација (ТИКА)“, нагласи тој.

Според Сали, донацијата на оваа опрема е важна инвестиција за подобрување на работните услови во оваа клиничка болница и за зајакнување на Одделот за торакална хирургија.

„Инаку, Клиничката болница во Тетово нуди здравствени услуги за 150.000 граѓани во Полошкиот Регион и за дел од граѓаните кои живеат надвор од Тетово“, додаде министерот Сали.

Координаторот на ТИКА во Скопје, Халим Омер Согут, рече дека ТИКА од 1992 година во над 150 земји реализира активности во повеќе области, како здравството, образованието, културата, земјоделството, економскиот развој и друго.

Согут нагласи дека Туркије преку ТИКА ја пружа братската рака за сродните заедници, потсетувајќи дека ТИКА во Северна Македонија реализирала над 1.200 проекти во различни области.

Што се однесува до проектите реализирани во областа на здравството, Согут истакна дека во оваа област ТИКА спровела над 30 проекти во земјата, меѓу кои изградба, опремување и реставрација на здравствени установи.

Тој рече дека се обидуваат да дадат придонес во заемната соработка меѓу Туркије и Северна Македонија во насока на едукацијата на здравствените работници и меѓусебната размена на искуства.

Директорот на тетовската болница, Амир Елези, истакна дека кај Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) нашле отворена врата за сите нивни потреби.

„Заклучивме дека со заедничка поддршка на сите страни можеме да успееме да ја снабдиме Клиничката болница во Тетово со потребната опрема, но и да се стремиме кон подигање на нивото на нудење услуги во нашата болница“, нагласи Елези.

„Уште еднаш упатувам искрена благодарност до турскиот народ, на целото тамошно раководство и на нивните претставници преку ТИКА“, додаде директорот на болницата.

ТИКА обезбеди опрема наменета за Одделот за торакална хирургија, која се состои од инфузиона пумпа, перфузор, портабл-ехо со конвексна сонда, аспиратори за сукција, апарат за континуирана торакална дренажа, флексибилен видео-бронхоскоп.