Високиот комесар за човекови права на Обединетите нации (ОН), Волкер Турк, апелираше за итен прекин на непријателствата меѓу Русија и Украина.

„Ескалацијата на непријателствата е алармантна, со десетици цивили убиени во Украина и Русија. Меѓународното хуманитарно право забранува неселективни напади и напади врз цивилни инсталации“, соопшти Канцеларијата за човекови права на ОН на мрежата X.

Турк повика на итни мерки за деескалација, заштита на цивилите и почитување на меѓународното право.

Бомбардирањето се случи помалку од 24 часа откако рускиот претседател Владимир Путин вети дека ќе ги засили нападите по невидениот напад на Украина врз рускиот град Белгород.

Русија во петокот почна бран напади врз украинските градови, вклучувајќи го и Киев, при што загинаа 39 луѓе.

Во воздушните напади беа повредени десетици луѓе, а Киев побара од Западот да ја забрза испораката на оружје.