Туристичко-угостителската комора на Македонија соопшти дека новите рестриктивни мерки кои ги усвои Владата се непрецизни и селективни поради што се доведува во прашање ефектот кој се планира да го постигнат.

Од Туристичко-угостителската комора посочуваат дека досега ги поддржувале сите здравствени мерки кои придонесуваат за намалување на последиците од пандемијата и активно го промовирала почитувањето на протоколите за работа, но сега сметаат дека единствен ефект од новите решенија ќе биде драматично влошување на состојбата на угостителскиот сектор.

– Повеќе пати досега беше изнесено барање Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство да презентираат епидемиолошки анализи кои ќе покажат дека угостителството е поголема причина за ширење на заразата, отколку некои други сектори како меѓуградски и градски транспорт, работа на шалтери, работа во големи работни колективи, партиски активности. Досега не се презентирани такви податоци, поради што мора да заклучиме дека угостителството е избрано за рестрикции како пример за пред јавноста, поради немањето желба или можност власта да се справи со други жаришта. Највидлив пример за несоодветното однесување на надлежните институции е нереагирањето на прославите кои беа организирани во партиски штабови надвор од сите протоколи, без дистанца и со блех музика, истакнуваат од Туристичко-угостителската комора.

Според комората, мерките се непрецизни, бидејќи не е јасно на кои угостителски објекти се однесува.

– Да потсетиме дека кога претходно имаше рестрикции Државниот пазарен инспекторат толкуваше дека тие ги вклучуваат и хотелите. Исто така саканиот ефект, сузбивање на епидемијата, нема да се постигне и доколку угостителските објекти работат ограничено додека другите сектори функционираат редовно. Во такви улови луѓето само ќе се префрлат од угостителските во другите објекти кои работат. Исто така нејасно е и каков ефект ќе даде ограничување на работењето на угостителските објекти во земјава, ако не се забрани патување во странство. Неопходно е воведувањето на дополнителни рестриктивни мерки да биде паралелно проследено со обезбедување на соодветни економски мерки за поддршка на секторот, додаваат од Туристичко-угостителската комора.