Турција како „голема грешка“ ја оцени одлуката на САД да воведат санкции врз земјата заради набавката на рускиот ракетен систем С-400 и најави дека ќе му возврати на Вашингтон на начин што ќе го смета за неопходен, бидејќи повеќепати го повикуваше ова прашање да го надминат со дијалог.
Турското Министерство за надворешни работи ги повика САД, инаку НАТО сојузник на Анкара, да ја сменат ваквата „неправедна одлука“ што може да им наштети на билатералните односи на двете земји.
Министерството проценува дека одлуката за воведување санкции е „необјаснива“, откако Вашингтон повеќепати ја одби понудата на Анкара за формирање заедничка работна група, пренесуваат британските медиуми.
САД денеска им воведоа санкции против турскиот Секретаријат за одбранбена индустрија, на неговиот директор Исмаил Демир, како и на некои други вработени заради набавката на рускиот ракетен систем С-400, соопшти американското Министерство за финансии.
Санкциите вклучуваат забрана за добивање дозволи за извоз во САД, како и замрзнување на активата и ограничувањата на визите за директорот Демир и уште тројца вработени.
Извор:МИА