Има различни синтагми кои ја опишуваат ситуацијата со бегството на затвореникот од Идризово, рече министерот за правда Никола Тупанчевски во гостувањето во „Топ тема“. Тој оцени дека јавноста беше шокирана, но со многу коментари околу случувањата на денот на настанот.

-Затворската популација отсекогаш била хиперсензитивна средина и овојпат станува збор за координирана акција на повеќе институции на државата, кои за првпат покажуваат координација на високо ниво и ефикасност. Тука станува збор за промптно реагирање на Управата за извршување санкции со вонредниот стручен надзор, односно со суспендирање на сите можни вклучени, а во меѓувреме и за истите лица има и мерка притвор. Трето, од страна на МВР има меѓународна потерница за бегалецот. Како четврто, и Обвинителството за оргганизиран криминал активно учествуваше во прибирањето докази, рече Тупанчевски.

Министерот истакна дека станува збор за добро организирана акција за бегство за која треба да има добро организирана реакција од институциите.

-Разрешен беше досегашниот директор на Управата за извршување санкции. Пред неколку месеци, претходниот директор исто беше разрешен од страна на Владата. Не е исклучено да се бара одговорност по хоризонтална линија, одговори Тупанчевски на прашањето дали е можно да се очекува разрешување на директорот на затворот во Идризово.