Министерот за правда Никола Тупанчески, за време на дводневната официјална посета на Словенија оствари средби со претседателот на Врховниот суд на Република Словенија Дамијан Флорјанчич, директор на Управата за извршување на санкции, Бојан Мајцен, како и директорката на Управата за пробација, Данијела Мрхар Прелиќ.

– На средбите министерот беше запознат со начинот на избор на судии и јавни обвинители во Словенија, затворскиот систем, функционирањето на службата за пробација. Се дискутираше за компаративните искуства, организацијата, функционирањето на институциите и мерките кои ги спровеле во процесот на зачленување во ЕУ, се вели во соопштението на Министерството за правда.

Оттаму информираат дека на средбите е договорено во наредниот период делегација од Словенија да ја посети Република Северна Македонија и да помогне во процесот на преговори за членство во ЕУ.