На денешното судење за убиството на Вања и Панче, обвинетиот Влатко Кешишов го однел до местото каде што е закопано телото на малата Вања сведокот Музафер Каришиќ, кој во времето на убиството бил помошник началник на СВР Скопје за криминалистички работи.

„Влатко Кешишев го пронајдовме преку „рено кангу“ и разговаравме со него. Во чуден сплет на околности самиот почна да зборува дека е лош човек, дека е нечовек. Во еден момент рече дека ќе ме однесе мене на едно место, да ми покаже нешто, бараше да одиме сами не сакаше да одиме со другите началници, ми рече „ако дознае Палчо ќе ме убие“. Возевме по негови насоки, се качивме едно 200-300 метри, рече „излезете“. Тоа беше еден широк простор. Сакаше да каже, па рече, „не можам, не можам“, па пак тргна накај возилото, па сакаше само со мене да разговара, па рече „ајде, нека биде“, и со главата ми посочи кон расфрлени перници и душеци. Дури и со рака не сакаше да покаже, покажуваше со главата кон перниците. Велеше „јас стоев на страна“. Ги тргнавме перниците, тој рече „тука е девојчето кое го барате“. Откопувавме додека не ѝ се видоа носот, веѓата и едната нога и престанавме. Прашавме кој, рече „Палчо, ја земаа и тука ја фрлија, а јас бев на страна“, изјави помошникот началник Каришиќ.

Тој додаде и дека таткото на девојчето Александар и негов пријател по име Гоце имале снимки и од автомобилот на Панче, и притоа не кажале од каде им се снимките.

„Таткото повеќе се интересираше, што ние имаме, отколку да помогне во истрагата. Од страна на Гоце ми беа испратени многу пораки и снимки.  Гоце ми испрати слика и снимка од возило на бензиска пупма во Велес, ние тогаш не знаевме за какво возило се работи. Тогаш не нѝ беше јасно бидејќи не беа поврзани случаите. Подоцна сфативме дека на сликата беше Панче со уште едно лице во возилото. Подоцна аналзиравме од каде им е таа снимка на Гоце, но не кажаа“, изјави Карашиќ пред Судот и додаде:

„Тогаш имавме само информација дека е исчезнат пензионерот, немавме никаква поврзаност“, рече Каришиќ.

Тој кажа дека оружјето со кој е извршено убиството и натаму не е пронајдено.