Трудовите инспектори се подготвени по Нова година да тргнат во лов на компаниите кои не исплатиле К-15, но прво чекаат одговор од синдикалците и работодавците која е минималната сума на регресот.

Директорката на Државниот трудов инспекторат Јована Тренчевска за весникот ВЕЧЕР вели дека од потписниците на Колективниот договор, а тоа се Сојузот на синдикатите на Македонија и Организацијата на работодавци, побарале да расчистат некои нејаснотии, за да можат да постапуваат.

-Од синдикатот и работодавците кои имаат своја комисија побаравме да разјаснат колкава ќе биде минималната сума на регресот за годинава. Исто така треба да кажат дали членот кој се однесува на тоа дека регрес им следува на лица кои шест месеци работеле во фирмата се однесува и на вработените кои поради пандемијата беа ослободени од работа. Тие се автори на договорот и тие треба да ги разјаснат работите, за да можеме ние да постапуваме, вели Тренчевска.

Таа додава дека толкувањето што ќе го добијат ќе го објават на веб-страницата на Инспекторатот.

-Потоа, по истекот на рокот за исплата ќе побараме податоци од Управата за јавни приходи со која имаме одлична соработка. Ќе ни требаат информации за тоа кои фирми не исплатиле К -15, а за фирмите кои исплатиле, колку исплатиле, вели таа во изјавата за весникот ВЕЧЕР.

Ова прашање се актуелизира сега, пред самиот истек на рокот за исплата на регресот – 31 декември. Со членот за К-15 од Колективниот договор за стопанството е предвидено минималниот регрес да изнесува 40 проценти од просекот на трите последни објавени просечни плати во државата, а ССМ и ОРМ треба да ја разјаснат клаузулата додадена пред неколку години според која тој миниум може да се намали ако компанијата работи со финансиски тешкотии. Ова во изминатите години некои работодавци го злоупотребуваа без ризик да бидат казнети, па исплатува К-15 од само 100 денари, иако за тоа Колективниот договор бара потпис од претставникот на синдикатот во фирмата или од претставник на работниците каде што нема синдикат, но по извршен увид во финансиите на работодавецот. (С.В.)