– Три лица од охридското село Љубаништа заработија кривични пријави поради илегален излов на риба од Охридското Езеро. Лицата Б.С., С.Н. и М.С. во текот на вчерашниот ден биле затекнати при вршење незаконит риболов на локалитетот „Ќоше“ кај автокампот „Љубаништа“ од страна на полициски службеници на Станицата за граничен надзор „Охридско Езеро“.
Кај нив биле пронајдени и одземени шест рибарски мрежи со вкупна должина од 360 метри со улов на риба и пловен објект. Лицата се лишени од слобода и изведени пред Јавен обвинител, а против нив ќе биде поднесена кривична пријава за незаконит риболов по членот 229 од Кривичниот законик.