Обвинителите Лиле Стефанова, Артан Ајро и Трајче Пеливанов, кои беа дел од поранешното СЈО, како и Наташа Поп Трајкова од Основното јавно обвинителство (ОЈО) – Струмица и Катерина Колариќ од ОЈО Скопје ќе го засилат Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција со кое раководи Вилма Русковска.
Тие беа избрани на денешната седница на Советот на јавно обвинители.
На конкурсот за избор на 5 обвинители во ова обвинителство беа пријавени 14 кандидати. Меѓу нив имаше и други обвинители од СЈО, како Фатиме Фетаи, Елизабета Јосифовска и Љубомир Лапе, но тие, како и останатите петмина други обвинители пријавени на конкурсот не ја добија поддршката од членовите на Советот на јавни обвинители. Сепак, дел од нив се пријавени и на конкурсот за обвинители во Вишото јавно обвинителство – Скопје и се очекува да бидат избрани за виши обвинители во текот на денешната седница.