Основниот суд Скопје 1 –Скопје ја изрече пресудата за случајот „Монструм“ во повторена постапка. Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ се осудени со доживотна казна затвор за тероризам. Хаки Азири е осуден со казна затвор од девет години. Фејзи Азири е прогласен за виновен за помагање и е осуден на 15 години затворска казна. За Сами Љута е донесена ослободителна пресуда, бидејќи против него обвинителството немало докази.

Во претходна постапка за убиството на момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута. Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост.

По укинувањето на пресудите, предметот беше вратен на повторно судење и случајот во март 2018 гдина го презеде поранешното СЈО. Во септември 2019 година предметите на СЈО ги презема Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и беа доверени на јавните обвинители кои дотогаш постапувале по конкретните предмети.