Делчево е домаќин на првото издание на „Голак Треил“, спортски настан кој комбинира планинско трчање и брзо одење низ живописните предели на планината Голак. Настанот има хуманитарен карактер и е посветен на прерано починатиот Иле Гоцевски, возачот на Брза помош во Кочани, кој остана запаметен по својата пожртвуваност и хуманост.

Иле Гоцевски, во текот на трагичната ноќ кога животите беа во прашање, 11 пати возеше од Кочани до Скопје за да помогне во спасувањето на пациентите. Неговата посветеност и храброст станаа симбол на вистински хуман гест, но за жал тој го загуби сопствениот живот.

„Во негова чест, патеката на првото издание на ‘Голак Треил’ ќе биде долга 11 километри, симболично претставувајќи го патот на Иле и неговата борба за секој спасен живот,“ соопштија од Еколошкото друштво „Голак“, организатор на настанот.

Сите собрани средства од котизациите ќе бидат донирани на „Support Kocani“, а настанот, покрај хуманитарниот карактер, ќе има цел и да ја промовира планината Голак како природна дестинација за спорт, рекреација и туризам.

Организаторите нагласуваат дека преку вакви иницијативи сакаат да ја зголемат свеста за значењето на здравиот начин на живот, но и да го поттикнат развојот на туризмот во источниот дел на Македонија.

Текстот Трка во чест на херојот од Кочани кој 11 пати возеше до Скопје за да спаси животи и го загуби својот е превземен од МАКФАКС.