Трите медицински сестри инволвирани во случајот со нечовечко малтретирање на возрасната жена во Центарот за нега на стари лица „Оренда“ во Пеќ завршија во притвор. Комората на медицински сестри пак, на четири вработени во овој центар им ги укина лиценците, пипува Алсат.

„Од вчера ја овластивме полицијата да изврши разговор со персоналот, како и со други лица кои биле жители на таа куќа со цел да обезбедиме докази дали некој случај се случил и претходно.“, рече Дорјан Јунику, Обвинител.

Бидејќи жртвата боледува од Алцхајмер, се вршат проценки дали е во состојба да даде изјава. Иако на видео-снимката се слуша првообвинетата Аулона Пелај, која ѝ се заканува на повозрасната жена дека може и знае да употреби уште поголема сила, таа во полиција изјавила дека се бранела.

„На училиште нè учеа дека за луѓето кои претставуваат ризик за персоналот и имаат психички проблеми треба да бидеме доминантни кон нив. Свесна сум дека дејството беше прекумерно и под влијание, но таа ме нападна прва и моите постапки беа предупредувачки и не со голема сила. Моите колеги се обидоа да ја стават под контрола. Таа беше силна и беа потребни неколкумина за да ја стават под контрола.“, рече Аулона Пелај, првоосомничена.

Но и покрај ова, таткото на Аурона јавно се извини за дејството на неговата ќерка и побара од органите на прогон да ги преземат сите неопходни мерки за расветлување на случајот.

Трите уапсени се осомничени дека сториле кривично дело „напад и кривично дело помагање во извршување на кривичното дело – напад“. Случајот го осуди и косовскиот премиер Албин Курти, а Министерството за здравство почна инспекции во приватната установа.

Актерката Калтрина Зенели, која прва го објави видеото од нападот на социјалните мрежи, добила закани по животот. Од друга страна пак, српски медиуми во функција на пропаганда шират дезинформации за случајот, меѓу кои и дека жртвата била Србинка./Алсат.мк

АРДИТ РАМАДАНИ