Оваа денешна прес-конференција не е за да креваме паника помеѓу граѓаните, туку како Министерство и како Влада сакаме да ставиме акцент и да понудиме помош и поддршка итно да се реши проблемот во делот на снабдување со вода за пиење во општина Струмица. Деновиве ова што се случува во општина Струмица е сериозен проблем и претставува еден вид на еколошка катастрофа. Жителите на општина Струмица се оставени повеќе дена без пивка вода за пиење, со што здравјето на граѓаните е сериозно загрозено. Во Струмица не може да се користи водата за пиење од градскиот водовод поради неможноста фабриката за вода која што ја поседува општина Струмица да ја прочисти до фаза да биде вода за пиење, истакна министерот за земјоделство Цветан Трипуновски.

„Истата вода која што се снабдува од браната Турија во тој регион. Водата може едноставно да се користи како техничка вода. Ова што деновиве се случува е резултат на долгогодишното лошо менаџирање од страна на општината Струмица. Лошото менаџирање во последните неколку години во делот на водоснабдувањето е директна причина за ова што денес се случува. Градоначалникот со неговиот тим требаше многу порано да превенира за да не дојде до оваа ситуација во која што се соочуваат денеска граѓаните на општина Струмица. Костадинов треба да одговори на своите сограѓани зошто до денес не е воопшто инвестирано во нов и подобрување на систем за филтрација на водата, без ниту еден проект или било каква инвестиција со цел ставање во целост на функција на водоводната мрежа во општина Струмица. Ако Костадинов ги имал сите информации, зошто досега не свикал Совет или да имал било каква координација, да формира било какво кризно тело, и да побара помош од другите општини или од Владата“, рече тој.

Според него, додека градоначалникот смогне сили да одговори искрено на струмичани каде отидоа парите и зошто денес се соочуваат со немање на пивка вода, Владата, како што рече го прашува што треба да се направи за да се излезе во пресрет на граѓаните и да се реши ситуацијата во која што се наоѓаат струмичани.

„Затоа што едно од основните човекови права е да се има пристап до пивка вода до секој еден граѓанин во Република Македонија.

Иако Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство не е надлежно за оваа ситуација, како обврска имаме сите како Влада да помогнеме во оваа ситуација и стоиме на целосно располагање да се реши овој проблем.

Но, по ова Костадинов треба да одговори пред граѓаните и пред законот зошто дозволил да се случи цела оваа ситуација и околу 50.000 жители да останат без пивка вода за пиење.

На крајот од денот надлежните институции треба да покренат и една истрага затоа што првичните информации говорат дека и во минатото пред да се донесе забраната од Агенцијата за храна и ветеринарство за пуштање на вода во системот за пиење во општина Струмица имало зголемено количество на манган и присуство на одредени бактерии во овој систем.

Тоа оставаме институциите да го проверат, ние овојпат се нудиме како Влада да помогнеме се со цел да ги спасиме овие жители кои што ја живеат голготата заради неспособноста на локалната самоуправа, Директорот на Јавното комунално претпријатие и сите оние надлежни локални институции во делот на водоснабдувањето“, истакна Трипуновски.