Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, преку статус на „Фејсбук“ остро му возврати на пратеникот и поранешен министер за земјоделство, Љупчо Николовски, кој претходно го критикуваше за суспензијата на ИПАРД-програмата со што, како што тврди, загрозени се 130 милиони евра европски средства.
Трипуновски обвини дека Николовски умот го користи исклучиво за криминал и ширење страв кај земјоделците. Според него, политичката кариера на Николовски е завршена, а неговите јавни реакции се обид да остане во фокусот.
Министерот оцени дека Николовски треба да го повика Основното јавно обвинителство да го истражи неговото работење во времето кога бил министер. Тој повтори дека нема простор за загриженост околу ИПАРД, нагласувајќи дека Брисел ја поздравил брзата реакција на Владата за истражување на случувањата во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
„Сега има закон, правила и прописи што мора да се почитуваат. Секој што се огрешил пред законот ќе одговара“, напиша Трипуновски и додаде: „Љупчо ти текнува кога беше антикорупционер и врвно достигнување ти беше броењето на испиени чаши со вода на министрите, додека тоневте во криминал цела влада? Епа сега за разлика од претходно, се апси, нема повеќе наш и ваш. Принципот по кој владееше ти и владата на СДС, како до сега заврши“.
Неговите коментари следуваат по критиките на Љупчо Николовски, кој реагираше на телевизиското интервју на министерот. Николовски тврдеше дека Трипуновски признал оти ИПАРД-програмата е суспендирана, но не понудил одговорност или план за решавање на ситуацијата.
Тој предупреди дека се загрозени 130 милиони евра европски средства што требало да донесат над 3.000 нови бизниси и 10.000 работни места. Според Николовски, станува збор за пари на млади земјоделци и семејства што вложиле сопствени средства и доверба во програмата.
Николовски го обвини министерот дека ги омаловажил претходните програми што, како што наведе, создале над 4.000 нови мали производители. Тој рече дека понудил конкретни и одговорни решенија, но Трипуновски ги одбил.
„Мојата борба е за земјоделците кои денес се чувствуваат изневерени“, напиша меѓу другото Николовски кој бара оставка од Трипуновски.
Обвинителството претходно соопшти дека се приведени пет лица поради сомнение за злоупотреба во постапката за користење на средства од ИПАРД програмата. Според соопштението, првоосомничениот, управител на правно лице, е осомничен за продолжено кривично дело „давање поткуп“ и „давање награда за противзаконито влијание“, додека три лица се товарат за „примање награда за противзаконито влијание“, а едно лице за продолжено кривично дело „примање поткуп“.
Според истрагата, управителот, од крајот на февруари до денот на апсењето, директно и преку посредници му ветил подарок – пари во значителен износ на директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Во шемата, како посредници учествувале и даночен референт во УЈП и државен службеник од Министерството за земјоделство, кои го поттикнале директорот да потпише договор за користење средства од ИПАРД Програмата, иако компанијата не ги исполнувала условите на јавниот повик.
Во замена за потпишување на договорот, директорот на Агенцијата наводно прифатил ветен подарок од 50.000 евра, а при претрес биле пронајдени и одземени 400 евра кои се дел од договорената сума.
Обвинителството соопшти дека побарало од судијата на претходна постапка да им биде определена мерка притвор за сите осомничени лица.
Македонија преку структурите и органите за управување на средствата од ИПА/ИПАРД донесе одлука за времен прекин на исплатите на средствата од ИПАРД програмата – инструментот на ЕУ за претпристапна помош за рурален развој, соопшти Министерството за финансии.
Оттука објаснија дека одлука следи по актуелните случувања со Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.
„За ваквата одлука истиот ден е известена Европската комисија и службите во Брисел, кои повратно известија и ја поздравија одлуката на Националните структури. Целта е да се обезбеди уверување дека воспоставениот систем гарантира легалност и регуларност на плаќањата од ИПАРД, како и постоење на ефективни мерки за заштита од измами и корупција“, велат од Министерството.
Текстот Трипуновски му возврати на Николовски: Твојата политичка кариера е завршена, Владата ќе се бори против корупцијата е превземен од МАКФАКС.























