Поранешниот заменик министер за земјоделство во техничката влада и државен советник во истото министерство, Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ му порача на министерот Аријанит Хоџа да не глуми портпарол на Влада туку да го реши проблемот со лозарите.

– Го слушам Аријанит Хоџа како се обидува да го релативизира проблемот на лозарите од Тиквешијата со кој патем четири години се соочуваат овие луѓе при откуп на грозје. Па би сакал да му порачам две работи: Наместо да глуми портпарол на владата и на неговиот ментор Зоран Заев ВЕДНАШ ДА ГО РЕШИ ПРОБЛЕМОТ НА ЛОЗАРИТЕ. Негова обврска како министер не е да прави поделби и да дава паушални изјави, туку да најде решение за проблемите при откуп на грозјето. Трудот и маката на македонските  лозари никогаш не бил волку потценет како што е сега.

Се фалите дека бил во комуникација со лозарите, па ме интересира со кои лозари сте во комуникација министре, каде бевте кога лозарите го истураа својот род пред винарската визба Тиквеш? Ако воспоставувате ред како што велите меѓу лозарите и откупувачите, тогаш каде бевте министре кога на голем број лозари грозјето им остана неоткупено?

Не е проблемот кај лозарите што протестираат, туку кај вас и владата на СДСМ и Заев, бидејќи сте крајно неспособни и незаинтересирани за проблемите на лозарите.

Второ, апелирам до вас, да не глумите жртва и да не продавате лажна загриженост зошто и тоа го правите на многу лош начин, туку веднаш како министер за земјоделство да го решите проблемот на лозарите.

И за крај , кога веќе имате ургенции како што се фалите дека на ваша ургенција лозарите биле примени кај раководството на Тиквеш, ургирајте за повисока цена на грозјето.

Посакувам вакви ситуации да не се повторат, бидејќи доколку повторно дојде до ова, јас министре ви ветувам дека ќе застанам во првите редови со лозарите, се до решавање на нивните проблеми.

Овде нема простор за политика. Овде нема простор за лаги и манипулации. Овде се работи за трудот, маката, потта, честа и егзистенцијата на лозарите и нивните семејства, напиша Трипуновски.

Инаку, откако дел од лозарите пред два дена го истурија грозјето пред капијата на Тиквеш, незадоволни од откупната цена, Хоџа порача дека проблемот ќе биде надминат додавајќи дека нема да дозволат на сметка на лозарите неколкумина да собираат политички поени. Од компанијата Тиквеш изјавија дека кусо го прекинале откупот поради манипулацијата на дел од лозарите со квалитетот и шекерните единици на грозјето. Од вчера откупот продолжи.