Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски  денеска ги посети општините Тетово и Јегуновце за да види со какви последици се соочиле земјоделците по невремето и поплавите во неделата. Плодното земјиште околу селото Сиричино во Општина Јегуновце беше едно од најпогодените, па министерот заедно со пратеници и градоначалникот Димитар Костадиновски, ги посети тамошните земјоделци и беше на самото место информиран за состојбите.

– Она што јас сакам да го потенцирам со изјава дека ние како Влада како министерство, ќе ја зајакнеме мерката за осигурување на земјоделските површини, бидејќи знаете, климатските промени се од година во година се поизразени. Нашиот сет на мерки којшто го планиравме и во предизборната програма, она што сега ќе го практикуваме да обесштетувањето, односно осигурањето биде една од мерките меѓутоа и многу други пропратни елементи коишто ќе значат заштита на претседателските површини од вакви природни непогоди. За нас како држава, како министерство е приоритет за да го заштитиме буџетот на државата, а од друга страна и земјоделците да бидат заштитени од ваквите природни непогоди, истакна Трипуновски.

На новинарските прашања како ќе одговори Владата на барањата за обесштетување кои бе биле реализирани досега од претходната власт, Трипуновски рече дека ќе се направи напор тоа да се направи по буџетскиот ребаланс.

– Практично сум трет ден на министер, можам накратко да кажам дека многу од услугите односно многу од средствата коишто требале да стигнат до граѓаните по разни основи субвенции, мерки, обесштетување не се стигнати. Знаете дека власта којашто замина трошеше на непродуктивни трошења на луксуз, а граѓаните беа на последно место. Ние како министерство како влада во наредниов период ќе се потрудиме и оној ребаланс со што се спрема во министерство за финансии да бидат граѓаните на прво место. Апсолутно сигурно ќе се направи план за динамика на обесштетување, бидејќи такви ситуации целата држава не е само во овој западен дел на државата, рече министерот.

Димитар Костадиновски, градоначалник на Јегуновце, изрази надеж дека посетата на министерот ќе значи можност и начин да неговите сограѓани скоро да бидат обесштетени.

– Формиравме комисии, излеговме на терен и до овој момент има околу педесетина барања доставени не само од Сиричино и од другите населени места каде што очекуваме таа бројка да се зголеми реално треба да се зголеми таа бројка поради проблемите на граѓаните, истакна Костадиновски.

Согласно процените на терен ќе се изготви и соодветен елаборатот за да се утврди висината на обесштетувањето од страна на второстепената комисија при Влада.