Лидерот на партијата Има таков народ, Слави Трифонов најави дека ја напушта владата на премиерот Кирил Петков поради неговите обиди да постигне компромис со Северна Македонија и поради тоа што „државата нема пари“.

„Причините поради кои оваа коалиција не функционира и за нас нема место во неа се две: Северна Македонија и фактот дека државата веќе нема пари“, соопшти Трифунов на вонредно обраќање.

Тој го обвини премиерот Петков дека во однос на спорот со Северна Македонија води друга надворешна политика, различна од таа на парламентот, Министерството за надворешни работи и од политиката декларирана од Консултативниот совет на претседателот Румен Радев.

Кирил Петков предводи влада составена од четири партии во која, покрај ИТН, е и неговата Промената продолжува, Демократска Бугарија и Бугарската социјалистичка партија.

Во првичната реакција по објавата на Трифонов, премиерот Петков најави дека тој и понатаму ќе предводи „малцинска влада“. Според информациите во бугарските медиуми, тројца министри на ИТН ја напуштиле денешната владина седница, додека четвртиот воопшто не присуствувал.