Мерак е кога ќе се види млада девојка, која инаку завршила факултет за Информатика, да има голем мерак за готвење. Таква е 23-годишната Нина Дуковска за која гастрономијата е сериозно хоби.
Почнала да готви на 17-годишна возраст, но од лани готви интензивно, речиси секој ден. Не, не зборуваме за обично готвење, туку за подготовка на супер специјалитети. Вели дека и зачините му даваат посебен шмек на секое јадење, а таа, од зачини, најмногу користи – освен се разбира сол и бибер – куркума, кари, оригано и вегета.
Ви носиме три рецепти од кујната на Нина.
Посна какао торта со кафе
Состојки: 200 грама брашно, 125 грама шеќер, 20 грама какао, 6 лажици кафе, 270 мл вода, 1 ќесичка прашок за пециво, 50 мл масло. За декорација: шеќер во прав.
Подготовка: Во еден сад се мешаат брашното, шеќерот, какаото и прашокот за пециво. Во друг сад се раствора кафето, водата и маслото. Потоа, во друг сад, сите состојки се мешаат убаво. Смесата се става во тркалезен калап за торта, малку намастен со зејтин или во тава за печење обложена со хартија за печење. Се пече половина час на 180 степени. Се декорира со шеќер во прав.
Пилешко филе во печурки и доматен сос
Состојки: пилешко филе, доматен сос, печурки, шарена сол, рузмарин, бибер, сол, кари.
Подготовка: Се сече пилешкото на неколку парчиња. Потоа се става во намастена тава. Му се додаваат зачините. Во меѓувреме, се сечат печурките и се додаваат на пилешкото. Се полива со доматен сос. На крајот, се става во рерна да се пече на 200 степени околу половина час.
Равиоли во наполитана сос полнети со печурки и пармезан
Состојки: 500 гр домашни равиоли полнети со пармезан и печурки, наполитана сос – 700 гр домати, 1 главица кромид, 3 чешниња лук, 1/2 лажичка шеќер, 2-3 ливчиња ловор, 1 лажичка оригано и босилек, сол и бибер, маслиново масло, пармезан и кашкавал.
Прво го подготвуваме наполитана сосот. Доматитите на неколку минути ставете ги во вода која врие и излупете ги. На маслиново масло на тава на оган ставете го ренданиот кромид и пропржете кратко. Додадете ги ситно сечканите домати. Зачинете со оригано, босилек, шеќер (за да не биде кисел сосот), сол и бибер. Додадете многу малку вода и оставете да се динста на тивок оган околу еден час. Ако има потреба, додавајте вода. Равиолите сварете ги во солена вода околу 7-8 минути. Кога ќе бидат готови, додадете ги во садот со сос и динстајте околу 5 минути. Наросете со пармезан и кашкавал и послужете го јадењето топло.