Поминаа три години од денот кога граѓаните на Република Македонија на референдум се изјаснија на прашањето „Дали сте за членство во НАТО и ЕУ со прифаќање на договорот меѓу Македонија и Грција“. Членство во НАТО стана реалност, а почетокот на преговори за членство во ЕУ – агонична неизвесност.
„Три години по референдумот за Преспанскиот договор се чини дека Македонија е сѐ уште поделена пред дилемата: дали тој ќе се проблематизира или ќе се капитализира“, вели д-р Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика – Скопје.
„Пофалбите однадвор за тешкиот компромис со кој се реши скоро тридецениски спор, не престануваат ни ден-денес. Сепак, големата, без преседан направена концесија – промената на името, досега доведе до еден од ветените резултати – членството во НАТО. И овој резултат е веројатно недоволно валоризиран, поради неисполнувањето на второто големо ветување за членство во ЕУ. Изостана и самиот почеток на преговорите – најпрвин со одолговлекувањето на процесот од страна на Франција, а потоа со ветото од Бугарија. Ваквиот исход сериозно го загрози кредибилитетот, но и ја зголеми недовербата во ЕУ во регионот“, вели Ристевска.
Според неа, денес Преспанскиот договор е сѐ уште исправен пред неколку предизвици: внатрешните поделби околу неговото (не)прифaќање, неговото делегитимирање со барањата од Бугарија, „недостигот од ентузијазам“ од грчка страна, но и недоволно цврстото застанување на ЕУ зад Преспанскиот договор, покрај намалениот „апетит“ за проширување.
Бојкотот на референдумот се пропагираше и со масовно правење ајвар на денот на гласањето
„Во секоја ситуација има повеќе опции, и без да се проблематизира стратешката определба за членство во ЕУ. Опции што не ни стојат на располагање се помирувањето со „статус кво“, но и постојаното нудење избрзани отстапки – и кон Бугарија и кон Грција – кои ја рушат нашата позиција и директно ги загрозуваат придобивките од Преспанскиот договор, а со тоа и ја зголемуваат недовербата на граѓаните – и во Преспанскиот договор и во ЕУ. Повеќепати детално сме аргументирале дека исполнувањето на барањата на Бугарија би било спротивно и на словото, но и пошироко – на духот, и на придобивките за нас од Преспанскиот договор. И затоа треба многу посилно и поаргументирано да бараме од ЕУ реално и порешително да застане зад Преспанскиот договор“, децидна е Ристевска.
Извор Дојче Веле