Екипата на ТВ21 во текот на денешниот ден го посети интернатот каде се сместени трите деца, откако мајката заврши во притвор. Кога пристигнавме, вратата беше затворена…
Контактиравме со Центарот за социјални работи. По неколку минути пристигна Азби Шаќири, психолог во центарот. Ни рече дека биле на погребот на седумгодишното дете кое настрада во пожарот. Како што вели Шаќири, семејството во Гостивар немало роднини, па затоа морале тие да се погрижат за погребната церемонија.
-Бевме на погребот. Денеска го погребавме детето кое беше жртва од пожарот. Нам како Центар за социјални работи ни остана обврска да го погребеме детето, бидејќи немаше роднини во Гостивар. Бевме да го извршиме верскиот ритуал, бидејќи е погребан како муслиман-рече Азби Шаќири.
Според Шаќири, состојбата на останатите деца од семејството е добра, и следните денови ќе бидат преместени од интернатот.
-Од денот кога ги сместивме тука, социјалните работници од Центарот за социјални работи се во контакт со нив и ги посетуваат. Постојано работиме со децата, но по трагедијата што се случи нормално е да им е нарушено психичкото здравје. Во нашата екипа има и социјални работници, и психолози кои постојано работат со децата. Денеска психичката состојба на децата е малку подобра.
Настојувавме да ги видиме децата, како и условите во кои престојуваат, но од Центарот ни рекоа дека не е дозволен контакт со нив. Излезе тетката на децата која живеела заедно со нив и мајката која во моментов е во притвор. Не сакаше да зборува пред камерата, само кусо ни рече дека условите се добри, дека имаат храна,. Се обидуваат полека да ја надминат траумата која ја доживеаја со загубата на братот и отсуството на нивната мајка-рече Шаќири.
Тетката на децата не сакаше да открие повеќе детали ниту за денот на несреќата.
Инаку, на 16-ти март на улицата „Кеј Вардар“ во Гостивар избувна пожар во еден стан. Во несреќата животот го загуби 7-годишно дете кое било врзано со синџир, а во станот живееше 6-члено семејство. Две сестри, од кои едната е мајка на 4 деца.