Угледното медицинско списание „Лансет“ ги објави збирните резултати од студиите за последиците од коронавирусот, а во текстот се наведени и симптомите што ги чувствуваат излекуваните од коронавирусот со недели, дури и со месеци по излекувањето.
„Лансет“ наведува вкупно девет симптоми кај испитаниците кои имале средно тешка и тешка клиничка слика, а многу од нив биле и хоспитализирани. Како што се наведува во студијата, три четвртини од нив имале најмалку еден од следниве наведени симптоми дури и шест месеци по акутната фаза на болеста.
Дури 26 отсто од испитаниците имале проблеми со спиењето, несоница или тешкотии при заспивањето, што е сериозен проблем затоа што добриот и редовен сон е еден од клучните начини за закрепнување на организмот, а овие долгорочни симптоми го попречуваат и забавуваат закрепнувањето. Понатаму, депресијата и вознемиреноста биле пријавени од страна на 23 отсто испитаници.
Ова се вообичаени последици од хронични болести, бидејќи личноста има впечаток дека телото ја изневерило, дека не може да предвиди што ќе се случи понатаму, ниту да го препознае сопствениот организам. Ова предизвикува вознемиреност, лоша концентрација, проблеми со спиењето, кошмари и грижи. Болеста честопати нè изолира и од нашиот систем за поддршка, па затоа сами се справуваме со овие чувства. Анксиозноста во потешки облици може исто така да доведе и до напади на паника, велат експертите.
Девет отсто од испитаниците пријавиле болки во зглобовите, што е честа појава кај воспалителните процеси во телото.
„Воспаленијата го напаѓаат ткивото на зглобовите, предизвикувајќи отекување, таложење на течности, оштетување на мускулите и други проблеми, објаснуваат ортопедите.
Студијата опфатила и досега познати симптоми како што се слабост во мускулите, брзо изморување, плитко дишење, губење на сетилата за мирис и вкус, како и опаѓање на косата.
Меѓутоа, трите горенаведени симптоми се издвојувале во текстот како особено интересни бидејќи досега не ги пријавиле многу луѓе.