Владо Бучковски, специјалниот претставник на Македонија во решавање на спроот со Бугарија, вели дека уште три приватни бугарски телевизии сакаат да емитуваат програма кај нас.

„Имаме уште три барања за влез на бугарски приватни телевизии, ТВ Европа, ТВ Блумберг и Велнес ТВ, но тие се проверуваат во моментов како би можеле да влезат во пакетот на Макс ТВ“, рече Бучковски за Канал 77.

Тој најави дека Макс ТВ на Телеком ќе ја реемитува програмата на BNT4 како дел од балканскиот пакет од 1 март, а во исто време еден од каналите на Македонската радиотелевизија, сателитскиот канал, ќе се реемитува преку бугарските оператори.

Од вчера македонската државна новинска агенија има и свој дописник од Софија, а дополнително ќе биде познато името на дописникот на БТА од Скопје.

Бучковски очекува ректорот на софискиот универзитет заедно со неколку декани во Скопје да го посети универзитетот Св. Кирил и Методиј за да се договара размена на професори и студенти, како и да се договорат заеднички активности за следното лето.

„Инсистираме на што повеќе соработка затоа што проценивме дека 2020 година беше загубено време за двете земји“, додава Бучковски, кој најавува дека големо внимание на полето на соработката ќе му се посвети и на ИТ секторот.