За тоа се залагаат десничарските партии, но иницијативата ја дадоа унгарските партии во таа земја. Тоа е предизвик за владата. Многу Романци дури и не знаат што значи кратенката ЛГБТК, бидејќи прашањето за родовиот идентитет во таа земја не беше тема на јавна дискусија во последниве години.
Меѓутоа, во есента 2018 година, се одржа референдум против истополовите бракови, што беше охрабрен од Романската православна црква, но и покрај големите напори за мобилизирање на верниците, референдумот пропадна неславно: гласаа само 21 отсто од граѓаните, пренесува „Дојче Веле“.
Сега, прашањето за родовиот идентитет повторно станува предизвик за романската инаку проевропска влада. Овој пат, темата ја покренаа две десничарски унгарски партии во Романија: Унгарската народна партија на Трансилванија (ППМТ) и Унгарската граѓанска партија (МПП). Тие се залагаат за закон сличен на оној во Унгарија против наводната „ЛГБТК идеологија“ и „хомо-пропаганда“ и за заштита на „чистото семејство“.
Иницијативата за воведување таков „закон на Орбан“ во Романија против луѓе со различна сексуална ориентација беше претставена во романскиот парламент од пратеникот на ППМТ, Золтан Закаријас.
Сепак, Романците не се целосно нечувствителни на прашањето за сексуалната ориентација. Во согласност со упатствата на ЕУ, министерот за внатрешни работи на Романија неодамна претстави нова лична карта за земјата, каде ознаката за пол е заменета со ознаката „Ген“ (Gender) – што овозможува и алтернативни идентитети. Но, по големите протести и од Црквата и од националистите, и од некои политичари на владејачката коалиција се приклучија, тој предлог за промена на личната карта беше повлечен.