Скопје денеска ќе биде домаќин на третиот Симпозиум по естетска медицина со меѓународно учество, на кој со свои трудови ќе настапат авторитетни имиња од областа од пет држави во регионот и од Шпанија.

Пред над 100 пластични хирурзи, стоматолози, орални хирурзи и дерматолози ќе бидат презентирани најновите светски трендови во естетската медицина и нивната примена во земјава и во регионот, најави Здружението за естетска медицина (ЗЕМ), организатор на симпозиумот.

Симпозиумот, како што информира ЗЕМ, ќе го отворат претседателот и секретарот на Здружението Игор Пеев и Анџелика Илиева, а предвидено е обраќање и на министерот за здравство Фатмир Меџити.

Од ЗЕМ истакнуваат дека нивната мисија е да се подигнат и негуваат стандардите во оваа медицинска гранка преку стручно усовршување и континуирана едукација, да се поттикне научно-истражувачката работа во областа и да се интензивира соработката меѓу професионалците во областа во земјава и во странство, а сѐ со цел на пациентите да им се направат достапни најновите современи техники во естетската медицина. Посебен фокус на Здружението е дефинирање и строго почитување на професионалните норми и протоколи во оваа брзорастечка и популарна гранка на медицината.