Веќе трет ден во Грција, бројот на новозаразени бележи нагорен тренд, а денеска по пауза од месец и половина се регистрирани над 2.000 нови случаи на Ковид-19, додека пак потврдени се и уште 67 случаи од делта сојот, јави дописничката на МИА од Атина.
Според официјалните податоци од Националната организација за јавно здравје на Грција, во изминатите 24-часа регистрирани се 2.107 новозаразени, починаа десет лица, а 153 се приклучени на апарати.
Најголемиот број, повеќе од половина нови случаи, односно 1.115 се во областа Атика, поширокиот регион на Атина, а 241 на островот Крит.
Во однос на делта сојот, според седмичниот извештај, потврдени се нови 67 случаи, со што вкупниот број се зголеми на 121, од кои најголемиот број 58 се во градот Ираклио на Крит (31 е од контакти на познат случај), 39 се во Атика, пет во Солун, по четири на атинскиот аеродром и на Лезбос, три во градот Ретимно на Крит, два на островот Парос и по еден во областите Арголида, Ахаија, Евија, во Коринт, Лариса и на Халкидики.
Сепак, како што пренесува МИА, доколку се анализираат официјалните податоци за мутациите во Грција, доминантен е алфа сојот со 14.422 потврдени случаи, односни 80,35 отсто од вкупниот број мутации, а потоа следи делта сојот со 0,67 проценти.
На денешната редовна прес конференција во Министерството за здравство на Грција професорката Вана Папаевангелу, која е и членка на Комисијата на епидемиолози и заменик-министерот за цивилна заштита Никос Хардаљас објаснија дека околу пет до шест отсто од делта сојот се руски туристи и токму затоа, веќе извесно време, освен сертификат за вакцинација, за нив, потребен е и негативен тест.
Хардаљас рече дека случајот со Русија се однесува на влезните точки во Грција и „доколку произлезе и некоја друга земја од која ќе има увезени случаи, ќе ја следиме истата логика како и за Русија“ и додаде дека делта сојот бил откриен и кај посетители кои пристигнале од Англија.
За ситуацијата со пандемијата во Грција, Папаевангелу рече дека во изминатите две седмици, просечната возраст на новите случаи се намалила за десет години и изнесува 23 години, а речиси еден од десет хоспитализирани е под 24 години, додека пак во земјата, активни се околу 9.000 случаи.
Хардаљас потенцираше дека постои силна препорака, оние кои се враќаат од островите да прават селф тестови, односно тестови за домашна употреба.