На социјалните мрежи се појави нов тренд – пиење маслиново масло „на екс“ со цел подобрување на здравјето.

Иако маслиновото масло е неопходен дел од здравата исхрана, нутриционистите предупредуваат дека таков начин на консумирање можеби не е најдобриот пристап и може да има негативни последици.

Пиењето маслиново масло доби популарност на социјалните мрежи, со тврдења дека го подобрува здравјето на срцето и го штити мозокот.

„Иако терминот „шот“ не е строго дефиниран, тој обично се однесува на количина од една до две лажици“, објаснува нутриционистката Ејми Шапиро.

 

Маслиновото масло е камен-темелник на медитеранската исхрана и е поврзано со бројни здравствени придобивки, но нутриционистите се согласуваат дека неговото земање во форма на шот можеби не е најдобриот пристап.

Иако консумирањето маслиново масло само по себе веројатно нема да предизвика долгорочни проблеми, Шапиро забележува:

„Предностите доаѓаат од постојан внес во оброците, а не од пиење чист шот.“

Маслиновото масло е богато со олеинска киселина, мононезаситена маст која е поврзана со намалување на нивото на LDL (лош) холестерол. Една студија покажа дека замената на путерот, маргаринот или мајонезот со маслиново масло го намалува ризикот од срцеви заболувања за 5-7%.

Богато со фенолни соединенија и витамин Е, маслиновото масло има моќни антиинфламаторни и антиоксидантни својства, кои го поддржуваат здравјето на крвните садови. Истражувањата покажуваат дека може да ги зголеми нивоата на азотен оксид, што помага во опуштањето на крвните садови и потенцијално го намалува крвниот притисок.

Мастите се неопходни за апсорпција на витамини растворливи во масти (А, Д, Е и К), кои се наоѓаат во зеленчук како што се брокула, кељ и моркови. Додавањето маслиново масло во салати или зеленчук ја подобрува способноста на телото да ги користи овие витамини, а исто така може да го зголеми внесот на зеленчук.

Редовната консумација на маслиново масло, исто така, го намалува ризикот од хронични заболувања и предвремена смрт. Една голема студија открила дека луѓето кои консумирале околу половина лажица дневно имале помал ризик од смрт од срцеви, невродегенеративни и респираторни заболувања, како и рак.

Сепак, истражувачите забележуваат дека консументите на маслиново масло често имаат генерално поздрави навики во исхраната.

Потенцијални недостатоци

Нутриционистите се согласуваат дека пиењето маслиново масло не е најдобриот начин да се уживаат неговите придобивки и дека може да има недостатоци.

„Земањето чисто маслиново масло може да предизвика дијареја или болки во стомакот кај некои луѓе“, вели нутриционистката Роксана Ехсани, забележувајќи дека некои луѓе се чувствителни на големи количини масти одеднаш.

Иако е здраво, маслиновото масло е богато со калории. Една лажица содржи околу 120 калории и 13,5 г масти. Бидејќи „шотот“ може да содржи до две лажици, внесот може да биде околу 240 калории. Ако овие шотови се додадат на масло што веќе се користи во готвењето, калориите брзо се акумулираат и може да доведат до зголемување на телесната тежина.

Повеќето луѓе се согласуваат дека пиењето чисто масло не е пријатно искуство, што го отежнува одржувањето на таквата навика. Вклучувањето масло во оброците е попријатно и поконзистентно.

Подобри начини за користење на маслиновото масло

Бидејќи нема докази дека пиењето маслиново масло обезбедува дополнителни придобивки, подобро е да се користи во мали количини во текот на денот, како дел од оброкот.

„Како диететичар, претпочитам да го консумирам во оброк, а не како шот“, вели Шапиро.

„Обожавам да го преливам врз печен зеленчук, да го додавам во супи или житарки, да правам преливи за салати, да го користам на тост или како сос за леб, како и да маринирам посни протеини.“

Ехсани додава:

„Употребата на маслиново масло како замена за путер или маргарин во рецептите може да го намали внесот на заситени масти, додека додавањето во зеленчукот ја зголемува апсорпцијата на витамини растворливи во масти.“

 

фото/Depositphotos

Текстот Трендот на пиење маслиново масло е сѐ попопуларен кај младите: Колку е здраво? е превземен од МАКФАКС.