Ниту истраги од МВР и Обвинителството ниту одземање на имунитетот, премиерот Христијан Мицкоски смета дека претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, треба да ѝ се извини на пратеничката Дафина Стојановска оти ја навредувал откога таа објави видео од него со децата за да објасни како го користи службениот автомобил. Премиерот Мицкоски жали што Трендафилов не е навикнат на јавни критики.

„Го видов тоа што го кажуваше господинот Трендафилов. Јас видов еден човек кој што беше, би рекол, премногу нервозен. Истури една салва навреди, но ние сме јавни личности, навикнати сме на тоа. Жал ми е што и други што пледираат да бидат јавни личности не се навикнати на јавна критика. Јас многупати сум рекол, секој оној кој пледира да биде јавна личност треба да биде свесен дека ќе биде подложен на јавна критика. Некогаш тоа е вистина, некогаш е невистина“, рече премиерот и нагласи дека во неговиот случај во најголема мера она што се кажува како јавна критика, на социјалните мрежи и во одредени медиуми, е невистина.

Премиерот Мицкоски рече дека е загрижен за нивото на култура што вчера го покажа Трендафилов.

„Како загрижен родител, таков се обидуваше да се претстави, барем речникот да му биде попристоен бидејќи сепак станува збор за жена, мајка. На тоа видео никој не ги покажува малолетните деца на господинот Трендафилов. Напротив, колку што јас можев да видам, многу е внимавано на тоа. Мораше господинот Трендафилов да биде малку покултурен со својот речник. Сите оние навреди кои ги кажа заслужуваат, во најмала рака, денеска пратеничката Дафина Стојановска да добие извинување од него. Доколку тоа не го стори уште еднаш ќе ја пропушти шансата да видиме човечки материјал во него. Сето она што го кажа, оној фројдовски модел, претпоставувам длабоко во него работи потсвеста, токму тоа го мисли за самиот себе “, рече премиерот Мицкоски.

И денес премиерот уверуваше дека протестите за минимална плата 600 евра и 100 евра зголемување на останатите плати се политички мотивирани и дека се неуспешна стратегија на опозицијата која настојува преку Трендафилов да наштети на Владата.

„Тие мислеа дека ќе најдат прокси преку Трендафилов кој што е влезен во една специфична состојба кога се обидува да биде на сцената во Македонија, а од друга страна кога ќе биде критикуван тогаш почнува да навредува и со крвави зеници и белки во очите напаѓа мајки, сестри, сопруги и така натаму. Тие мислеа дека на тој начин ќе нанесат штета на Владата, и тоа е легитимно. Ние можеме само да се бориме и да докажеме дека тоа не така“, вели Мицкоски.

Во следните денови тој најави дека ќе објаснат на македонската јавност кои се лицата кои излегуваат на блокадите за кои тврди дека се поврзани со опозицијата, а тоа ќе го видат сите од она што Владата го поседува.

Премиерот денес уште еднаш, по кој знае кој пат, кажа дека зголемување минималната плата се договора во Економско – социјалниот совет, а Владата како работодавач се договорила за зголемување на минималната плата до 2028 година.

ССМ излезе на протести оти две годни нема договор за зголемување на минималната плата. Протестите продолжија денес со блокада на Стопанската комора, а во вторник ССМ најави блокада на Владата.

По завчерашната блока ма Собранието, откога пратеничката Стојановска објави видео од Трендафилов со децата, тој објаснувајќи дека „монструмите се меѓу нас“ побара МВР и Обвинителството да направат истраги, Собранието да ѝ гоодземе имунитетот, а најави дека за случајот ќе ги извести сите амбасади во земјава и сите братски синдикати на ССМ.

Текстот Трендафилов треба да ѝ се извини на Стојановска, смета Мицкоски: Со крвави зеници и белки во очите напаѓа мајки, сестри и сопруги е превземен од МАКФАКС.