Подготовката на новата Стратегија за демографски политики на Северна Македонија, беше главна тема на денешната средба на министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска со регионалниот советник за економија и демографија од Канцеларијата на Фондот за население на ОН (УНФПА) во Истанбул и тимот за население и развој во Њујорк, Мајкл Херман, со шефицата на Канцеларијата на УНФПА во Скопје, Афродита Шаља и дел од нејзиниот тим.

Оваа Стратегија, како што соопштија од Министерството за труд и социјална политика, има огромно значење како документ со кој се идентификуваат приоритетните области и насоки за подобрување на постојните демографски трендови преку спроведување на долгорочни политики и подрачја на делување кои директно и индиректно влијаат на демографскиот развој во земјава.

Според Тренчевска, во подготовката на стратегијата од големо значење ќе бидат информациите од страна на сите министерства, затоа што се работи за национална стратегија и сите области се важни.

– Анализата од пописот на населението и Анализата на кои работи консултант ангажиран од Канцеларијата на УНФПА за да спроведе ревизија на имплементацијата на националната Стратегија за демографски политики 2015-2024 година., во која е вклучено и Одделението за анализа, планирање и развој на демографски политики на министерството, ќе бидат значаен инпут за подготовка на стратегијата. Таа треба да биде усогласена со Националната развојна стратегија и Стратегијата за развој на човечкиот капитал, истакна Тренчевска на средбата.

Министерката посочи дека крајниот резултат е подготовка на стратегија изградена на реални демографски податоци, како податоци за миграцијата, стареење на населението, наталитетот и која ќе даде висински насоки во градењето на политиките кои се однесуваат на целото население во државата. Политики кои се однесуваат на здравството, образованието, социјалната и детската заштита, социјалните сервиси, вработувањето, родовата еднаквост во сите сфери на општеството.

Финалната верзија на Стратегијата за демографија треба да го помине процесот на усвојување од Владата со заклучоци и задолженија за сите институции.