Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска го посети Центарот за поддршка на згрижувачки семејства, Скопје и еден од малите групни домови кои се воспоставија со трансформацијата на Домот за деца без родители и родителска грижа „11 Октомври“.
Во изјава за медиумите таа потенцираше дека, грижата за сите граѓани, обезбедувањето на можности за напредок на секој поединец во општеството е приоритет, но и сериозна одговорност на секоја Влада. Како и дека нејзината успешност се огледа во испораката на видливи резултати, од кои придобивки имаат граѓаните.
Таа истакна дека во фокусот на работењето на Министерството за труд и социјална политика се ранливите категории на граѓани. И затоа изминативе години, министерството посветено работи на решавање на предизвиците со кои се соочуваат овие граѓани.
Министерката информираше дека Центарот за поддршка на згрижувачки семејства, сместен во поранешниот Дом за деца без родители и родителска грижа „11 Октомври“ во Скопје, е прв кој се отвори во државата минатата година и во моментов обезбедува социјални услуги за 156 згрижувачки семејства, кои имаат згрижено околу 248 деца.
„Неговата цел е да ги поддржува, да им помага и да ги насочува згрижувачките семејства да обезбедат токму онаква грижа каква што му е потребна на детето сместено кај нив, а е најблиска на семејната средина. Покрај поддршката на постоечките згрижувачки семејства, овој центар од отворањето досега, има развиено 12 нови згрижувачки семејства, преку проценка на подобноста за потенцијално згрижувачко семејство, “рече Тренчевска.
Заедно со Центарот во Битола и новоотворениот центар во СОС Детско село ја обезбедуваат услугата на вонсемејна заштита за околу 300 згрижувачки семејства и опфат на околу 500 деца, на ниво на држава.
Во 2018 година, преку трансформацијата на ЈУ Детски Дом „11 Октомври“- Скопје децата сместени во оваа установа, се преселија во мали групни домови, во заедницата.
Министерката Тренчевска денеска посети и еден од малите групни домови, во кои се сместени 6 деца, кои заедно живеат веќе четврта година. За нив е обезбедена 24 часовна поддршка од стручен тим, кој им помага во секојдневните обврски.
„Живеењето на децата без родители и родителска грижа во нова форма на живеење во средина најслична на семејната, донесе значајни промени во квалитетот на живот на овие деца, што е видливо по секојдневните резултати и успеси кои тие ги постигнуваат и по ништо не се разликуваат од останатите деца,“ рече Тренчевска.
Tаа информираше дека покрај обезбедувањето на подобра грижа за ранливите категории, преку воспоставување на нови социјални услуги, сериозно се работи и на зајакнување на компетенциите на стручните кадри кои ги даваат овие услуги. Како и обезбедување на раст на платите на воспитно згрижувачкиот кадар кои од 2017 година наваму во континуитет растат. Покрај исплатата на платата од 2019 година се исплаќа и надомест за сменско работење, ноќна работа и работа во недела.
„Како Влада и Министерство остануваме посветени на концептот едно општество за сите. Затоа што успешноста на едно општество е видлива кога системот ги опфаќа сите граѓани. Се грижи за достапноста на поддршката за оние на кои им е потребна, но се грижи и за оние граѓани кои со својата професија се даватели на таа поддршка, “подвлече Тренчевска.