Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска се сретна со шефицата на канцеларијата на УНФПА во Македонија, Афродита Шаља – Плавјанска и нејзиниот тим.
На работниот состанок се разговараше за досегашната соработка на УНФПА и Министерството за труд и социјална политика, идните планови и активности, како на централно ниво, така и на ниво на работни групи. Притоа, од страна на министерката Тренчевска беше потенцирано дека политиките на новата Влада се во насока на унапредување на родовата еднаквост, сузбивање на родовите стереотипи и градење култура на ненасилство и недискриминација.
„Владата продолжува посветено да работи на исполнување на човековите права особено на ранливите категории, на зголемување на пристапот до квалитетни услуги, политики кои значат поголема грижа и можности за младите во нашата земја. Градиме силно и обединето, кохезивно општество кое ги почитува достоинството и човековите права и овозможува еднакви можности и на мажите и на жените во сите сфери на животот, како услов за целокупен и одржлив политички, економски, демографски, социјален развој и напредок на земјата,” рече Тренчевска.
На средбата акцентот беше ставен на новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жената и семејното насилство, меѓуинституционалната соработка, соработката со граѓанскиот сектор, како и поддршката од агенциите на Обединетите нации во земјава.
Беше потенцирана важноста од спроведувањето на општествени кампањи преку кои ќе се јакне јавната свест за препознавање на насилството во дел од средините каде владеат традиционалните стереотипи, семејната традиција како воспоставена пракса на однесување и на нерамномерна распределба на моќта во семејството кое треба се преточи во координирана активност и тимска работа.
Шефицата на УНФПА Шаља-Плавјанска потенцираше дека реализацијата на проектите од петгодишната програма за Македонија ќе продолжи, бидејќи тие се во интерес на сите граѓани, а особено ранливите категории.
Двете соговорнички изразија подготвеност за продолжување на досегашната соработка помеѓу Министерството за труд и социјална политика и УНФПА, во областа на родово базираното насилство и генерално заштита и унапредување на човековите права.
Согласно Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство Владата формираше Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и семејното насилство, кое е надлежно и за политиките од областа на родово-базирано насилството врз жените и семејното насилство.