Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска се сретна со претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК Јаким Неделков.
Како што информира Министерството за труд и социјална политика, на иницијатива на претставниците на Синдикатот се отвори прашањето заедно со утврдувањето на минималната плата, да се направи и зголемување на платите на вработените во установите во предучилишното образование.
Министерката Тренчевска на средбата посочила дека унапредувањето на работничките права е приоритет и на Mинистерството за труд и социјална политика и на Владата.
-Дијалогот со социјалните партнери е особено важен за нас. Отворени сме за дискусија со сите наши социјални партнери. Правата на вработените во детските градинки ни се значајни, затоа во 2019 година обезбедивме највисоко покачување на платите, рече министерката Тренчевска.
Според Неделков, со порастот на минималната плата треба да расте и просечната плата.
-Согласно Законот за минимална плата бараме да се направи корекција во бодовите, односно за секое работно место да се утврди коефициентот кој ќе биде врзан со минималната плата, рече Неделков.