„Искрено многу ми е криво што во јавноста излегоа шпекулации и се создаде ситуација да се помисли дека Законот за работни односи ќе експлоатира или дискриминира работници. Нема да биде донесен таков закон“ изјави министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска во „Топ тема“ на Телма.

Таа додаде дека со измените на Законот за работни односи, наместо осум часа недела ќе се дозволи повеќе прекувремена работа, што ќе зависи од процесот и условите.

„Тоа не значи дека сите работници ќе работат толку часови, колку што ќе биде максималната граница. Се зависи дали во моментот процесот ќе бара да се работи 8, 9 или 10 часа во текот на денот. Во овој момент не може да се каже кои и колку работници ќе работат прекувремено“ рече Тренчевска.

Министерката додаде дека изградбата на Коридорите 8 и 10 е од стратешко знаечење на државата, па поради тоа се размислува за воведување на исклучоци во зголемување на можноста за прекувремена работа, како што е тоа примерот со полицијата и АНБ.