Активното и целосно учество на лицата со попреченост во сите сфери на општественото живеење е придобивка за целото општество. Политиките на Министерството за труд и социјална политика се насочени кон целосна и доследна имплементација на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост на ОН, процес за кој се потребни системски и одржливи решенија кои ќе дадат резултати на долг рок, рече министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска на денешната средба со претставниците на „Полио Плус“ – движење против хендикеп.
На средбата стана збор за потребите и предизвиците на лицата со попреченост, личната асистенција која сега е достапна од шестгодишна возраст и инклузивниот процес на лицата со попреченост во општествениот живот.
Министерката информираше за новиот закон што го подготвува Министерството за труд и социјална политика. Законот, нагласи, се однесува на вработувањето на лицата со попреченост и на промената на системот за проценка на состојбата и потребите на децата со попреченост, согласно Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје (МКФ) – методологија препорачана од Светската здравствена организација.
Следен чекор, по примената на МКФ, како што посочи министерката, е воспоставувањето на долгоочекуваниот регистар на лица со попреченост, како алатка за полесно планирање, спроведување и следење на инклузивните јавни политики.
Тренчевска информираше за можноста и поддршката што ја дава Министерството за труд и социјална политика на граѓанските организации како даватели на социјални услуги.
-Придобивките од воспоставувањето на социјалните услуги на локално ниво се двојни, затоа што ги вклучуваме тешко вработливите лица на пазарот на труд, а истовремено помош и грижа добиваат лицата на кои таа им е неопходна, старите лица и лицата со попреченост, исткна министерката.
Таа ја нагласи и важноста на учеството на децата со попреченост во редовниот образовен процес, со што, укажа, се овозможува децата да пораснат во идни активни граѓани кои придонесуваат за општиот прогрес на општеството. Информираше и дека од 2018 година со подзаконски акт е пропишано сите нови градинки да бидат целосно пристапни за децата со попреченост, како и дека заедно со УНИЦЕФ се спроведуваат и обуки за стручниот кадар во градинките за работа со децата со попреченост.
Претставниците на „Полио Плус“ посочија дека продолжува заедничката соработка со Министерството.
Тренчевска потенцира дека Министерството за труд и социјална политика е отворено за дијалог со претставници на лицата со попреченост и нивните семејства, бидејќи, како што рече, еднаквост, рамноправност и достоинство се идеалите кон кои сите заеднички се стремиме.